Ова се моите 12 сонети за Дарија

НЕ ПЛАЧИ ДАРИЈА
1.
Не, солзите ги нема, коритата на реките
исушени се во порите на твоите погледи,
им заспал засекогаш мирисот во смреките,
им  снемало сонце  во твоите сончогледи,
Mинатото ти стана уметник и старосват,
те крои и прекројува од брчка до брчка,
те растегнува и собира од струна до врат,
нов мелодичен реквием во мисла ти крчка.
Не плачи Дарија што срцето камен стана,
разумот сега со крвава река што ти го капе,
мртва е опојната метафора за наша драма,
низ пукнатината на мразот ко змија не апе.
Не плачи Дарија не е грев повеќе моето име,
само твојот восхит од пеколот кај што одиме.

2.

Имаше ноќи кога целата беше во бело,
црвен тепих од копнежи усните ти беа,
мракот ти должеше море од сонца цело,
по две виножита лице ти красеа од смеа.
Судбинско се плетеше сал тогаш нешто,
и вез во окото твое новороденче на срни,
распнати утра меќу исток и запад вешто,
трепереа две виножита две болки црни.
Сега споменот на тебе во ребра ме боди
во утрото подло твојата риза ми се смее,
снага да побегнам в мисла не ќе се роди,
половинка од љубов за ветер да го одвее.
Не е до нас што го одбравме секој свое јато,
ја зтворивме вечно вратата на своето злато.

3.

Трча гладот по мене како јадно кутре,
го бара вкусот на твојот расцутен глас,
го лажам стиснат под јазик за едно утре,
душкам,акам како заробен делфин за спас.
Некогаш молњи од твојата убавина ечеа,
и звукот на стапалата во песна го топеа,
горделивоста моја реско со н0ж ја сечеа,
како лири за срцето што ко пиле пропеа.
Како жито на ветрот со остро око бдееше,
никулци во мене со месечина ми садеше,
низ трепки од шумски седеф гради лееше,
од жар на изгрев спотно чело ми ладеше.
Те споредував со звездената силна матица,
зашто небесен гласник си ти, моја гулабица.

4.

Чувството ми шепти тајно дека си друга,
развратно и лажно голо без срце и струк,
со прст ми покажува кон перонска пуга,
луцидна страна ми лепи дека сум бил друг.
Не плачи Дарија не се давам в плен лесно,
раскопчани градиве за нив се излез мачен,
бараат во мене твои сонца, тело мое грешно,
измамнички ненаситно како демон мрачен.
Се качуваат на мојот врв боси и до пола голи,
ми глодаат вени со јазик поленот го крадат,
го врзале разумот да не може допир да го моли,
неповрат сал ти за нив да си душа да ми јадат.
Не ке има сведоци Дарија ако ми распнат душа,
заради тебе при татнеж во вени, музи ме гушат.

5.

Имам и јас денови за плачење под стреа,
како мрaзулците во март од жал за студ,
но кај мене пролетта бродови ми спрема,
да изберам море за пат кон божјиот суд.
Патот до тебе низ брезов шумски честар
што води,ме одвраќа како брег од камен,
ме турка низ долови како вепар престар,
ми ветува за награда пир и студен пламен.
Се стресувам на помислата од таков дар,
како лигава глина што допрва ќе се пече
а твојата снага извајана и бела како вар
на олтарот во сонот ќе ми стои сека вечер.
Не плачи Дарија сега е тоа никакво време,
кога и да се сретнеме не чека исто бреме.

6.

Во срцето на тагата драги камења ќе копам,
само таму ти се раѓаш во моите сини сништа,
таму кај што зрееш, како клас си мој стопан,
таму кај што водите со порака до нас вришат.
О,каква орхидеја, во топлото море мој си бран,
и како изгубена едрилица се нишаш без едро,
сал припремата за пој на камбаните ни е стран,
обајцата сонуваме за тиркизното ни небо ведро.
Дарија, јас не реков дека времето не е за летање,
и птиците во песните мои си имаат свој календар,
но да се замине без сомнеж во време на цветање,
судбата како анатема гревот ќе го претвори во дар!.
За мене ова е тажна промена, толку болна и мачна,
што на есента честа за поклонот со тага и го зачна!

7.

Кога времето го запирав и лице му парав,
и секој твој трепет во дланките го длабев,
исконски те љубев, пеев, по кожа ти шарав,
на срце душа му вадев ритамот му го абев.
И покрај слатка мака даруваше брз ритам,
со разумот никако договор да чуе неќеше,
пееше со тебе во мене, ден и ноќ да скитам,
како осуденик на смрт никогаш не грешеше.
Незнае колку лета и есени јантар ти даруваа,
колку реки крв низ вени стихови ти пренесоа,
илјади љубовни искри низ очите ти царуваа
колку темни ружи на рзделба оган ни донесоа.
Како сега Дарија овој бескрај да го минам
зар повторно под грло твое бисер да кинам.

8.

Одеднаш улиците без тебе ми станаа тесни,
светлата надвиснати како орли ме демнат,
од баровите трештат музики сосем бесни,
на тротоарите мадоните ловци се ѕемнат.
Полноќниот кикот на вљубен пар уши пара,
таксито не запира нежно со љубезен осет,
кај хотелот го нема ромчето пари што бара,
ни пијаниот татко што се кара со цел свет.
Одкако замина ти во навидум познат смер
сите кругови си сменија облик станаа агли,
избезумен се врткам како в кафез серт ѕвер,
трагањето по тебе стана кошмар во магли.
Само твојот лик што ми сјае на морска пена,
ме потсетува на лавицата во римска арена.

9.

Сеуште во мене тлееш како во печка жар,
неизгаснат што мракот го чека за почин,
помеѓу душата и сенката си видлив дамар,
стегнат а елегантен за љубовниот злочин.
Не поминуваат лесно мирисите и аромите,
ко билка и цвет од телото што ти извираа,
со се божјото одамна кај мене се вдомиле,
низ твоите допири што врз мене пикираа.
Како коњска грива напати ти беше косата,
за да ветрот инает тера никако да стивне,
и страсно да те чешла во утринската роса,
пијан од мојот врисок во облак да те вивне.
Не солзи Дарија врз градите небесни твои,
само таму бакнежот мој ќе може да се рои.

10.

Наликуваат деновите на вода светена,
во чинијата со босилек налеана строго,
испиена голтка што носи љубов ветена,
и бајка за белиот коњ смислена за рогот.
Заради тебе мојата насмевка не е храна,
на розите до олтарот сплетени во венче,
во деновите на венчавка од свита збрана,
ниту бакнежот пред бога нашето првенче.
Дарија твоето блескаво лице беше сребро,
злото го одбиваше, мене аура ми свиваше,
на многумина со поглед им крешеше ребро,
помислата за љубовта душа ни милуваше.
Благословот не издржа како дрво на живот,
не расцепи како чамци насукани во заливот.

11.

Зад нас разодени се сите наши ветувања,
низ тунелот на зависта и постелите меки,
и светлото на крајот бара мали свртувања,
раѓање сонца во призмата на нашите реки.
Зар не сме биле освојувачи на нашиот трон
каде што јас за јанѕа си бев пониско од тебе,
за слуга да бидам в миг, твој страствен ѕвон,
и ноктот на страста круната што ми ја гребе?.
Ех Дарија птицо со гулаби што се здружуваш,
мојата песна не папса со молитвите склопени,
од секоја моја метафора сокол ми измамуваш,
како соколари во Шервуд* во рамка вклопени.
Зависта не е имуна на смртното отровно копје,
затоа пак надежта ни го собира житното снопје.

12.

Каде и да талкам се љубовен долг ме следи,
и очите ги затворам пред песочниот ветер,
и цунами од твои прегратки не ќе ми вреди,
ако глас не довјаса твој од рајот како репер.
Во танталови маки сум на срцевиот бедем ,
секој мој атом поголем од зрно грозје стана,
која од која птиците тагалки без број реден,
колваат без прекин од мојава зацелена рана.
Уште колку треба судбината да полни пехари,
да расне, нашите затворени да ги збере врани,
ликовите од сништата златни да ни се пекари,
да ги хранат на патот кон сите слепи страни.
Дарија, таму кај што си зад затворените врати,
недавај никому да ѕирне колку ли има да плати.

МЈ 2014 г.. Следуваат уште… &&

Advertisements
This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.

2 Responses to Ова се моите 12 сонети за Дарија

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s