Глува ноќ

МИГУМ- мали ескизи

48. Глува ноќ

На Симон Тројански оваа ноќ не му е прва глува. Ги имал многу во минатото и ги има во сегашнинава. Ама сепак, оваа му е некако посебна. Со многу звуци и гласови, со сенки кои танцуваат околу него, со некоја неподнослива мачнотија што му го одзема здивот. Којзнае што ќе се случи до првите петли.

Од сѐ што научил за глувата ноќ, најмногу од народните верувања, некако најубедливо му е дека во неа се појавуваат демони, односно нечиста сила владее со светот. Издвојува две верувања: тогаш е најдобро да не се излегува од дома; во таква ноќ човек не треба да се огледа во вода оти наместо својот лик ќе здогледа лик на ѓавол, па многу ќе се исплаши и тогаш е можно да го изгуби гласот. Најинтересно му е убедувањето дека умрените некрстени деца се претвораат во птици, а најсмешен советот за оние што тргнуваат на пат во глува ноќ: со себе да понесат петел кој со своето пеење ќе ги отера демоните ако наидат на нив.

Во оваа глува ноќ на поетот Симон Тројански првпат му се случи нешто ненадејно, нешто што не може никако да си го објасни. Ниту метафорички, како поетско настроение. Не се ослободи, не се успокои ни кога го запиша како песна во проза:

„Никако да ја освојам крепоста, до небо извишена, изѕидана од камен на камен, од молк на молк и од огнови со ветришта помеѓу нив. Во која Тројанци ја заробиле Горјана, најубавата жена во мојот живот.

Можеби ако влезам во неа во голем дрвен коњ како дар од бога. Кога бранителите ќе заспијат да излезам од него, да ја ослободам, па засекогаш да биде само моја.

И секој да запомни дека во од што било изѕидана крепост не можат да се заробат љубов и убавина“.

(Љупчо Димитровски: „МИГУМ“, мали ескизи, 2016-)

фотографија на Љупчо Димитровски
Advertisements
This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.